Одбранет трофејот во Купот

Во реприза од финалето во 1998 година, Вардар пак ја победи Слога со истиот резултат - 2-0. Единствената разлика е што стрелци на погодоците, овој пат беа Ванчо Трајчев и Артим Шаќири, додека нашиот тим од клупата го предводеше, легендарниот Кочо Димитровски.
На патот кон одбраната на трофејот, Вардар во конкуренција меѓу осумте најдобри екипи беше подобар од Цементарница, со вкупни 3-2 по двете четвртфинални пресметки (реми од 2-2 и победа од 1-0). Во полуфиналните дуели, пред налетот на „црвено-црните“ настрада и прилепска Победа.
Иако на првиот натпревар во полуфиналето под „Марковите Кули“, Вардар претрпе непријатен пораз од 4-2, нашиот тим на реваншот во Скопје, славеше драгоцена победа со 3-1 и благодарение на поголемиот број на постигнати голови на гостински терен, вардаровите фудбалери повторно обезбедија пласман во финалната пресметка, а таму го репризираа финалето од претходната сезона за да го освојат пехарот.