Нова шампионска радост за Вардар, без пораз елиминирани во ЛШ

По само една година пауза, во 23-тото издание од Првата лига, Вардар стигна до својата осма титула во домашниот шампионат, вкупно девета во историјата.

Вардар од самиот старт на сезоната беше прв кандидат за круната, поради амбициозниот проект и добрите засилувања. На крајот, црвено-црните успеаа да ја оправдаат фаворитската улога па до титулата стигнаа со 69 освоени бода, отакако во 32-те првенствени средби забележаа 20 победи, девет нерешени исходи и претрпеа само три порази.

Вардар се круниса за првак на последниот домашен меч против Ренова, триумфирајќи со 4-1, а главен конкурент помалку изненадувачки беше Работнички, откако Шкендија брзо испадна од трката за шампионскиот трофеј.

По освујавењето на титулата, Вардар во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите се соочи со кипарскиот првак АПОЕЛ, поранешен четвртфиналист во ЛШ и испадна без да загуби во двомечот. Еден гол, примен во Скопје, се покажа како пресуден за елиминацијата, откако во првиот натпревар во Никозија одигравме без голови, а на „Филип втори“ вторпат ремизиравме, но сега со 1-1.

Во септември, Вардар го освои и вториот Суперкуп на Македонија во својата историја, откако на пенали со 4-3 (1-1) го победи Работнички во битката за пехарот.

среда, 14 октомври 2015