Вардар напиша историја во Европа

Откако претходно ја освои својата 11-та шампионска титула, најуспешниот македонски колектив стана првиот тим од Македонија кој што обезбеди пласман во групна фаза од едно европско натпреварување

2017-та година, беше најуспешна во Вардаровата историја кога се во прашање меѓународните настапи. Вардар стана прв тим од Македонија кој што успеа да се најде во групната фаза од едно европско натпреварување. Откако не успеавме во Лигата на шампионите, со елиминацијата од Копенхаген, преку плеј-офот во Лигата на Европа и преку турскиот тим Фенербахче, Вардар обезбеди учество во групите од Лигата на Европа. 

Претходно Вардар повторно ја освои шампионската титула, 11-та во историјата, а тоа значеше дека нашиот клуб повторно ќе игра во Лигата на шампионите. Титулата беше освоена со 83 поени, или 13 повеќе од второпласираната Шкендија од Тетово. Европската „одисеја“ почна со натпревар со Малме од Шведска. После 1:1 на гостински терен во Шведска, реваншот се одигра во Струмица (поради одржувањето на Супер-Купот на УЕФА на стадионот во Скопје) и Вардар го победи со 3:1. Следен ривал кон Лигата на шампионите беше Копнехаген. Вардар испушти голема шанса да се пласира понатаму откако во Скопје успеа да го совлада својот ривал со 1:0. Меѓутоа на реваншот во Данска беше 4:1 за противникот, и тоа значеше дека „црвено-црните“ продолжуваат во плеј-офот од Лигата на Европа. 

За ривал го добивме тимот на Фенербахче од Истанбул. Турскиот тим прво гостуваше во Скопје. Во одлична атмосфера, „црвено-црните“ успеаја да победат со 2:0 на првиот меч, и да го отворат патот кон групната фаза во Лигата на Европа. На реваншот во Истанбул на стартот од вториот дел Вардарци имаа негатива. Меѓутоа најпрво грузискиот интернационалец Џамбул Џигаури успеа да израмни, а нашиот капитен на таа средба Никола Глигоров, донесе водство од 1:2, што значеше дека Вардар со триумф ќе патува во групната фаза. 

Вардар се најде во последната група „Л“ заедно со Зенит, Реал Сосиедад и со Розенборг. На крајот „црвено-црните“ ќе освојат еден бод во последниот дуел со Розенборг на домашен терен. Претходно во Трондхајм кај истиот противник беа поразени со 3:1, доживеаја порази од Зенит (дома 5:0, на гости 2:1), и од Реал Сосиедад (дома 6:0, во гости 3:0). Едноставно групата беше тешка, а за Вардар ова беше прв предизвик од ваков тип. 

Во оваа историска европска година, „црвено-црните“ добија и „засилување“ во раководните структури. После долги години во нашиот клуб се вратија Дарко Панчев и Илија Најдоски. Панчев беше назначен за нов спортски директор на клубот, додека Најдоски беше промовиран во нов извршен директор на тимот. Исто така на клупата на Вардар оваа година дојде Чедомир Јаневски, кој што после 28 години се врати во Вардар. Тој го носеше дресот на „црвено-црните“ од 1982 до 1989 година, а после интернационалната кариера како играч, и како тренер, и после селекторската функција на Македонија, беше назначен за нов шеф на стручниот штаб на 17-ти август, 2017 година. 

сабота, 30 декември 2017